Словенечкиот премиер Марјан Шарец ја прифати оставката од министерот за култура, Дејан Прешичек, обвинет за мобинг. Ова е втора министерска смена во помалку од четири месеци од почетокот на делувањето на неговата малцинска коалициска Влада.
Прешичек синоќа му ја одстави на премиерот писмената оставка, две недели по избивањето на аферата во која тој се сомничи за мобинг над службеници во министерството.
Случајот со лошиот однос на министерот со вработените наводно кулминирал по самоубиство на еден од вработените, кој бил присилен за министерот да извршува приватни работи во работното време, што Прешичек го негирал.
Шарец во куса изјава за медиумите рекол дека Прешичек како министер довел до одредени позитивни чекори во делувањето на министерството и културните политики, на што му се заблагодарува, но дека ја прифаќа неговата оставка, бидејќи не може да помине преку фактите дека меѓучовечките односи во министерството за култура се до тој степен пореметени, што сегашната водечка екипа повеќе не може да работи.