Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов и градоначалникот на Градот Сараево, Абдулах Скака, потпишаа спогодба за соработка меѓу градовите Скопје и Сараево.

Со спогодбата се очекува да се унапреди соработката и размената на информации и искуства во областите на дејствување во рамките на надлежностите на градските управи: културата, културно-историското наследство, образованието, спортот, урбаното планирање, туризмот, енергетската ефикасност, меѓународните односи, прашањата поврзани со младите, здравството и социјалната политика, градските јавни служби, заштитата на животната средина, невладините организации и други области кои се од интерес за двата града.

Скака се заблагодари на градоначалникот Шилегов за приемот, му го честита изборот за градоначалник и му посака успешен мандат.

„За Град Сараево ова збратимување е од исклучителна важност, бидејќи Скопје е првиот главен град од нашата поранешна заедничка држава Југославија со кој се збратимува. Скопје и Сараево како градови имаат многу сличности и заеднички вредности и верувам дека ова е добар почеток на соработката и за двата града. Особено ми е драго што Скопје и Сараево се градови коишто ја негуваат и се познати по нивната мултикултуралност и мултиетничност и сигурен сум дека и во иднина ќе продолжиме да се движиме во таа насока“, изјави Скака.

Шилегов го искажа своето задоволство од овој чин, потенцирајќи дека Сараево е дваесеттиот град со кој Скопје се има збратимено.

„Ова е последниот главен град од поранешна Југославија со кој Скопје се збратимува, со што за нас ова претставува добар крај, а за Сараево уште подобар почеток. Во овие неколку денови на разговорите со градоначалникот Скака констатиравме дека можеме да оствариме сериозна соработка, особено поради тоа што и двата града се соочуваат со слични проблеми, а тоа се проблемите со загаденоста на воздухот, со урбанизмот и инфраструктурата. Нашата досегашна и идна соработка ќе ги развиваме во духот на соработката, пријателството и меѓусебното почитување. Се надевам дека од нашата соработка ќе произлезат многу заеднички мерки и проекти со кои ќе се подобри функционалноста и работата на нашите градови, се со крајна цел подобрување на квалитетот на животот на граѓаните на Скопје и на Сараево“ изјави Шилегов.

На потпишувањето на спогодбата, покрај градоначалниците присуствуваа и амбасадорот на БИХ во Македонија, НЕ Лепа Бабиќ, Претседателот на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева, членови на Советот на Град Скопје и представници на делегацијата од Сараево, како и претставници на бошњачката заедница во Македонија.

Покрај потпишувањето на спогодбата за збратимување, градоначалниците го потпишаа и меморандумот за соработка помеѓу Градот Сараево и Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје, за размена на искуства од областа на јавниот транспорт.