СДСМ ќе кандидира Албанка за градоначалник на Арачиново. На претстојните локални избори на 15 октомври СДСМ во оваа скопска општина ќе влезе во трка со Мелекие Халими, граѓанин од албанската етничка заедница и член на СДСМ, најави премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, при посетата на џамијата во Арачиново по повод муслиманскиот празник Курбан-бајрам.
„Убавината, радоста и авангардноста на самиот концепт е тоа што ќе имаме дама. Верувам дека како оштественик, како личност која е вградена во многу важни сегменти во секојдневниот живот на граѓаните и со човек кој потекнува од овде, ќе бидеме доволно прифатливи да ја добиеме поддршката од мнозинството граѓани во Арачиново“, рече Заев.
Тој додаде дека немарата им е да работат на конкретни инфраструктурни проекти во Арачиново, како што се каналите и фекалната канализација, но и почнување на проектот за средното училиште, изградба на болница и амбуланта.
Запрашан дали веќе имаат кандидати за локалните избори, Заев рече дека локалните самоуправи се важни за секојдневниот живот на граѓаните и дека е убеден оти ќе изнајдат заеднички решенија и веројатно ќе има меѓусебна поддршка и со албанските политички партии. „Разговараме и се надевам дека ќе успееме. Истовремено, знаете дека како мултиетничка партија ќе номинираме кандидати од сите етнички заедници“, рече Заев и додаде: „Се надевам дека коалицискиот фронт ќе расте и убеден сум дека ќе успееме во тоа во зависност од преговорите на концептот, програмата и на иднината на државата. Верувам дека во сите во закон пропишани рокови ќе ги утврдиме кандидатите. СДСМ ќе настапи со свои кандидати во повеќе од 65 општини и тенденцијата е да одиме до максимум, ако може и повеќе од 70. Сè во зависнсот од тоа како ќе се договориме со коалициските партнери и самите кандидати“.