Музеј кој ги проучува советските затвори и логори открил тајна наредба од 2014 година за уништување на евиденцијата на затвореници, пишува „Гардијан“.
Службеници изјавиле дека ваквиот потег би имал катастрофални последици врз проучувањето на историјата на „логорите на смртта“ на Сталин. Според податоците, во текот на триесеттите и четириесеттите години на минатиот век околу 17 милиони луѓе биле испратени во гулаг, озлогласниот советски затворски систем. Најмалку 5 милиони луѓе биле осудени под обвинение за лажни сведоштва.
Евиденцијата за постапките против затворениците често се уништува, но нивните лични податоци се зачувуваат на регистарски картички, кои ги поседуваат полицијата и разузнавачките служби. Историскиот музеј за гулаг во Москва открил таен документ од 2014 година со кој се бара уништување на податоците за затворениците кои достигнале возраст од 80 години, што практично денес ги опфаќа речиси сите затвореници.
Архивскиот експерт на музејот, Александар Макеев, за новинската агенција „Интерфакс“ изјавил дека откриле оти во еден руски регион се уништени регистарските картички на затвореници. Станува збор за областа Магадан, на истокот од Русија, во која се наоѓале некои од најголемите советски логори. Музејот од рускиот претседателски совет за човекови права побарал истрага во врска со откриената тајна наредба.
Рускиот заменик-министер за внатрешни работи ги отфрлил наводите дека архивите се уништуваат, но ваквиот инцидент уште еднаш во фокусот ги става тврдењата дека Русија под водство на претседателот Владимир Путин се обидува да ги потисне темните поглавја од советската историја, а да ги истакне нејзините триумфи, како победата во Втората светска војна.