Полицијата поднесе прекршочна пријава против лицето вработено во агенција за обезбедување кое ја нападна новинарката на „Канал 5“, Мирјана Мирчевска.
„Секторот за внатрешни работи Скопје по преземени мерки го расчисти случајот кој се случи на 19.01.2019 година во 12:00 часот на улица Филип Втори Македонски во Скопје кога М.М.(39) додека извршувала работни задачи како новинар била турната од Љ.Т.(47), вработен во агенција за обезбедување. Против лицето е поднесена прекршочна пријава по член 10 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир. Настанот е објавен на сајтот на МВР на 20.01.2019 година“, се вели во соопштението на МВР.
Новинарката заврши во болница со повреда на вратот и на раката, откако на манифестацијата за Водици дошло до влечење и туркање меѓу обезбедувањето ангажирано од МПЦ и новинарските екипи.