Неколку десетици поранешни затвореници кои го преживеале пеколот во нацистичкиот логор на смртта Аушвиц, лоциран на југот од Полска, утрово положија венци од бели и сини цвеќиња по должината на Ѕидот на смртта и така ја започнаа централна комеморација во чест на Денот на сеќавање на жртвите на холокаустот.
„За мене најлошото не беше гладта, ни тоа што бевме принудени на тешка работа, туку тоа што бевме лишени од човечко достоинство. Ние не бевме луѓе, не третираа како нешто непотребно, што треба максимално да се искористи, а потоа да се уништи“, рече денеска во Аушвиц, еден од преживеаните затвореници, 93-годишниот Станислав Залевски, претседател на Здружението на полски затвореници во фашистичките логори.
За полската приватна ТВ станица „Полсат“, Залевски предупреди дека денес, 74 години подоцна, луѓето и натаму не ги научиле лекциите од трагедијата од концентрационите логори во Втората светска војна.
„Во многу делови од светот, луѓето во име на своите амбиции или некои идеолошки аспирации вршат вооружени злосторства во кои гинат илјадници луѓе и кои имаат карактеристики на геноцид. Оние кои доаѓаат во Аушвиц на годишнината од ослободувањето и оние кои имаат моќ да направат нешто во овој свет, тие се обврзани вакви работи да не се случуваат повеќе“, рече Залевски.
Денот 27 јануари, кога во 1945 година портите од најголемиот логор кој нацистичка Германија го подигнала во окупираната Полска, ги отвориле војниците на Црвената армија, во 2005 ОН го назначија за Светски ден за сеќавање на жртвите од холокаустот.
Руските војници во Аушвиц успеале да спасат околу 7 илјади одвај преживеани луѓе. Ширум Полска, граѓаните на прозорците навечер палат свеќи како потсетник на еврејските соседи кои веќе го неме, по пеколот кој зад себе го остави од холокаустот.
Логорот Аушвиц беше претворен во музеј во 1947 година.