Вечерва почнува новата сезона во најквалитетното европско кошаркарско натпреварување, Евролигата на УЛЕБ. Титулата ја брани Фенербахче, а како и во изминатите неколку сезони македонски репрезент ќе биде Перо Антиќ, кој по освојувањето на титулата со Фенер, се пресели во Црвена звезда.
Кошаркарската Евролига и оваа сезона брои 16 тима, кои во регуларниот дел од сезоната ќе одиграат по 30 натпревари, а најдобрите осум ќе продолжат во нокаут-рундата.
Фенербахче во одбрана на титулата тргнува без главните играчи од минатата сезона бекот Богдан Богдановиќ, кој замина во Сакраменто, и центарот Екпе Јудо, кој се пресели во Јута.
И покрај промените во составот на Фенербахче, според прогнозите е втор фаворит за титулата зад ЦСКА Москва, тим чиј буџет оваа година изнесува 45 милиони евра. „Армејците“, слично како и Фенербахче, останаа без најголемата ѕвезда Милош Теодосиќ, кој се пресели во ЛА Клиперс.
Покрај овие две екипи, во потесниот круг на фаворит се уште и Реал, Олимпијакос, Панатинаикос и Барселона.
Вечрва сезоната ќе ја отворат натпреварите Анадолу Ефес – Реал Мадрид и ЦСКА Москва – Милано, кои ќе започнат во 19 часот, еден час подоцна ќе започнат натпреварите Бамберг – Макаби и Олимпијакос – Басконија, а од 21 часот ќе играат Уникаха и Фенербахче.
Утре ќе се играат натпреварите Химки – Валенсија, Жалгирис – Црвена звезда и Барселона – Панатинаикос.