6 C
Skopje
недела, јули 21, 2024
More

    ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

    Поучна приказна: Не угодувајте му на никого

    Некој човек поминувајќи низ градот, јавајќи си го магарето, си одел кон својот дом. Неговиот син кој имал десет години, пешки одел покрај него.

    Ги сретнала некоја жена која им рекла:

    – Ова вака не е во ред човеку, како може ти да го јаваш магарето, а твојот син да оди пешки, зарем не знаеш дека твоите нозе се посилни од неговите?

    Кога ја слушнал човекот, веднаш слегол од магарето, а неговиот син го седнал на него за тој да го јава. Само што направил неколку чекори, ги сретнал некој човек кој им рекол:

    – Младо момче, не е убаво ти да го јаваш магарето, а твојот татко кој веќе е стар и изморен да оди пешки покрај тебе. Твоите нозе се помлади од неговите.

    Кога слушнал таткото што им зборува човекот, решил и тој да се качи на магарето, па така двајцата го јавале магарето и продолжиле понатаму по патот. По извесно време ги сретнал некој друг човек кој гласно промрморил:

    – Каква е оваа будалштина, две магариња се качиле на едно слабо животно. Некој треба да ве натепа за да ви дојде умот за да ви текне дека премногу му тежите на кутрото магаре. Веднаш треба да слезете од него.

    Таткото и синот во истиот момент се симнале од магарето и продолжиле да одат пешки покрај него, таткото од едната, а синот од другата страна на магарето, но по патот ги сретнал друг човек кој им рекол:

    – Ама сте чудни сите тројца. Не можам да ви се изначудам зошто барем еден од вас не го јавне магарето за да не оди пешки?

    Кога слушнал што зборува овој човек, таткото му рекол на синот:

    – До сега и јас и ти го јававме магарето, сега најверојатно магарето треба да не јава нас.

    Двајцата го легнале магарето на земја, му ги врзале предните и задните нозе со јаже, го врзале на голема гранка, го кренале и така врзано го носеле магарето на нивните рамена.
    Одејќи така со магарето на рамената, луѓето кои ги гледале им се чуделе на нивната постапка и гласно им се смееле. Кога го слушнал нивното зајадливо смеење, таткото го спуштил магарето на земја, го одврзал и рекол:

    – Јас изгледа сум полуд од ова магаре бидејќи сакам на целиот свет да му угодам. Од сега со своето магаре ќе правам она што јас сакам да правам, тоа што мене ми е по ќеф, а луѓето нека зборуваат што си сакаат. Повеќе не се грижам за нив и за нивното мислење.

    И така таткото повторно, но овој пат многу повеќе самоуверено го јавнал магарето, а синот продолжил пешки да оди покрај него.

    Си го продолжиле нивниот пат без да им е грижа дали некој повторно ќе им кажува како и што да прават.

    Latest Posts

    АКТУЕЛНО

    Stay in touch

    To be updated with all the latest news, offers and special announcements.