Поранешниот советник во предизборната кампања на Доналд Трамп, Роџер Стоун, е уапсен во рамки на истрагата на специјалниот обвинител Роберт Мулер, јавува агенцијата „Ројтерс“.
Против Стоун е подигнат обвинителен акт од седум точки, вклучувајќи една за опструкција на правдата, пет точки за лажни изјави и една точка на влијание врз сведоци, соопштија од Канцеларијата на специјалниот обвинител Мулер.
Според Си-ен-ен, агентите на ФБИ упаднале во куќата на Стоун околу 6 часот наутро по локално време, во Форт Лодердејл, Флорида.
Мулер веќе 18 месеци води истрага за руска вмешаност во предизборната кампања на претседателските избори во САД од 2016 година и сомневањата за заговор меѓу Москва и Трамп во текот на кампањата.
Трамп жестоко негира дека тој или некој од неговиот шатаб соработувале со Русите со цел да се подобрат шансите за победа на изборите во ноември 2016 година. Актуелниот претседател на САД, истрагата на Мулер постојано ја нарекува „местенка“ и „лов на вештерки“, тенденциозно насочена против него.