Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот суд Скопје 1 Скопје достави обвинение против едно 26-годишно лице, кое се товари за неовластено производство и пуштање во промет дрога, како и поради недозволено изработување и тргување со оружје или распрскувачки материи.
При претресот во домот на обвинетиот на 5.12.2018 година било пронајдена разновидна дрога. Притоа, од страна на припадниците на Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје биле пронајдени и одземени 448,95 грама марихуана, 389,17 грама хероин, 66,73 грама хашиш и 1,79 грам кокаин во разни пакувања, разни видови таблети, како и неколку дигитални ваги со остатоци од разна наркотична дрога.
Обвинетиот кај себе неовластено држел и огнено оружје – еден револвер марка Astra Cadix од шпанско производство, како и еден пиштол марка Ekol Special 99 со рамка, кој бил пренаменет во огнено оружје. Кај него биле пронајдени и 199 куршуми во разен калибар и за разни огнени оружја, еден пар лисици, три фантомки и три панцири.
Надлежниот јавен обвинител до судот достави и предлог за продолжување на притворот со цел обезбедување присуство на обвинетиот и непречено водење на кривичната постапка.