Планот за мирно решавање на кризата на Блискиот Исток, кој го подготвува администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, ќе биде претставен во наредните месеци, пренесува „Спутник“.
Според планот, Палестина ќе добие двојно повеќе територија од онаа што ја контролира во моментот, но историскиот центар на Ерусалим, вклучувајќи ги и верските објекти и околните области, и западниот дел на градот, ќе останат под израелски суверенитет.
Покрај тоа, Израелците ќе можат да ги припојат главните населби на Западниот Брег и да ги задржат изолираните населби под своја контрола без да можат да ги прошират, но ќе мора да ги евакуираат т.н. нелегални населби. Планот, исто така, сугерира дека загубите ќе се компензираат со механизмот на територијална размена.
САД, наводно, очекуваат Палестинците да се откажат од своите барања за целата територија на Западниот Брег и Источен Ерусалим, вклучувајќи го и историскиот дел од градот. Покрај тоа, Вашингтон очекува некои отстапки и од Израел, кој се спротивставува на поделбата на Ерусалим и на палестинската државност.
Американската администрација планирала да го објави документот пред неколку недели, но одлучила да почека до парламентарните избори во Израел, закажани за 9 април. Специјалниот пратеник на САД, Џејсон Гринблат, во средата го критикуваше неодамнешниот извештај во медиумите, како неточен.
Администрацијата Трамп веќе неколку месеци работи на мировен план за израелско-палестинскиот спор. Палестинците одбија мешање на Вашингтон во решавањето на нивниот конфликт со Израелците откако Трамп го призна Ерусалим како главен град на Израел и ја премести Американската амбасада од Тел Авив во Светиот Град и покрај осудата на муслиманскиот свет и препораките на ОН да се воздржат од отворање дипломатски мисии во градот се додека не се реши неговиот правен статус.