Стево Пендаровски, новиот претседател на Македонија, во разговор во емисијата „360 Степени“ на телевизија Алсат рече дека се преселил во претседателската резиденција на Водно затоа што не сакал неговото обезбедување да им пречи на соседите.
– Во мојата изграда има уште 19 стана во влезот и плус дополнителни два влеза. Според безбедносните правила, тоа ќе значи и промена на режимот на слободно движење на соседите. Затоа не сакав да им биде некомотно – рече Пендаровски, кој инаку е со адреса на живеење во скопска Автокоманда пред да се пресели со своето семејство во Вила Водно.
Додаде дека фамозното „југо“ кое е пријавено во неговиот имотен лист е целосно надвор од функција.
– Му го дадов на дедото, но не може да го запали. Не е во функција. Инаку, имаше идеја на почетокот на кампањата на 14 април да се појавам со „југото“, така ми рече едн од моите советници, но не беше изводливо – рече Пендаровски.
Додаде дека кога ќе поминува со својата делегација ќе бара што помалку безбедносни протоколи за да не го попречува сообраќајот и да создава поголем метеж.
Рече дека негов приоритет ќе биде и да остварува поблиска комуникација со опозицијата
– Моја задача ќе биде да ја кренам опозицијата, да ја заштитам и да ја консултирам – изјави тој.