Патничката што на почетокот на овој месец на лет од Атланта до Токио успеа да пренесе огнено оружје беше вратена во САД истиот ден кога пристигнала на меѓународниот аеродром „Нарита“ во Јапонија, пренесува Си-ен-ен.
Во понеделникот Администрацијата за безбедност во сообраќајот на САД -ТСА откри дека патничката ја поминала стандардната контрола на меѓународниот аеродром „Хартсфилд-Џексон“ во Атланта, но дека притоа не била следена стандардната процедура, па така таа го пренела оружјето, без да биде забележана.
Од јапонското Министерство за транспорт рекоа дека нема да следуваат казни за авиокомпанијата „Делта“ и ТСА. Сепак, тие сметаат дека ТСА е одговорна за ваквиот инцидент и побараа од организацијата во иднина да преземе превентивни мерки.
Од ТСА изјавија дека патничката заборавила дека пиштолот ѝ е во куферот.
Ваквиот безбедносен проблем се случи две недели по делумното затворање на американската влада, при што од агентите на ТСА се бара да работат, без да добиваат плата.