По официјалните потврди за заминувањата на дел од ракометарите од Вардар, многумина се прашуваат и стравуваат за иднината на гордоста на Македонија.
Европската титула и успешната сезона која ја игра Вардар истовремено го радува, но и растажува фановите. Бројните официјализирани заминувања на дел од ракометарите, како и стратегот, Раул Гонзалез, сосема очекувано влева страв за иднината на македонската гордост, никој не се надеваше дека ќе дојде и тој ден кога шампионскиот состав да се раздели.
Додека „црвено-црните“ успешно чекорат во обидот да влезат во историјата на Лигата на шампионите, како единствен тим кој што успеал да ја одбрани титулата, јавноста се прашува кој од играчите ќе го гледаме во дресот на Вардар и следната сезона.
Списокот го сочинуваат девет имиња, сите имаат договори и засега челниците на клубот не размислуваат да ги пуштат ниту со „дебело“ обештетување.
Во СЦ „Јане Сандански“ остануваат најдобриот стрелец во ЛШ, Вуко Борозан и десното крило Иван Чупиќ, имаат договори до 2021 година. Тука се и руските крила Тимур Дибиров и Даниел Шишкарев, Летонецот Даинис Кристопанс, чија соработка со клубот завршува во 2020 година. Голманот Страхиња Милиќ, бековите Игор Карачиќ и Жоан Кањељас, пикерот Рожерио Мораес, најмалку треба да останат во Скопје до крајот на следната сезона.
Единствени на кои им завршува соработката во јуни, а засега нема најава (ниту ќе има) за заминување, од актуелниот играчки кадар се капитенот Стојанче Стоилов и крилото Владо Недановски, но неофицијалните информации велат дека тие ќе ја продолжат верноста кон европскиот првак.
За потсетување вардаровиот тим го напуштаат тренерот Раул Гонзалез (ПСЖ), Арпад Штербик (Веспрем), Лука Циндриќ (Келце), Илија Абутовиќ (Рајн Некар Левен), Мијајло Марсениќ (Фуксе Берлин), а на оваа листа е и Хорхе Македа, кој се чека да биде промовиран во Пик Сегед.
Извор: Sportmedia.mk