Општина Охрид упатува апел до сопствениците на угостителските објекти кои не ги подмириле обврските за краткотраен закуп на градежно земјиште тоа да го сторат во најскоро време затоа што во спротивно ќе бидат санкционирани од соодветните инспекциски служби и не ќе може да поднесуваат барања за тековната година.
„Износите кои треба да се платат се определени според квадратурата на проектот за поставување урбана опрема, согласно договорите кои ги склучиле“, велат од општината.
Охрид има издадено околу 38 одобренија за угостителски објекти за користење на градежно земјиште за 2018 година, а околу 25 угостителски објекти не ги имаат подмирено обврските за таа година. Вкупните обврски по однос на закуп на земјиште и комунални такси изнесува 2.230.863 денари и должниците треба да го платат најдоцна до 31 јануари.