Специјалниот известувач на ОН, Агнес Каламард изјави дека следната недела ќе отпатува за Турција за да започне со независна меѓународна истрага за убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги.
Во изјавата за „Ројтерс“ во Женева таа најави дека ќе ја искористи оваа посета, за како што рече, да процени што направила владата како одговор за убиството на Кашоги.
Саудискиот новинар на 2 октомври минатата година влезе во саудискиот конзулат во Истанбул за да ги подигне документите кои му беа потребни за неговата венчавка, по што му се изгуби секоја трага.
Турција ја обвини Саудиска Арабија за убиството на Кашоги, но официјален Ријад ги демантираше ваквите наводи. Саудиска Арабија веднаш по убиството на Кашоги покрена истрага, но неговото тело и по неколку месеци не е пронајдено.
Еден месец по неговото убиство „Си-ен-ен“ објави транскрип од разговори кои се воделе во конзулатот за време на убиството на новинарот. Од разговорите можеше да се забележи дека телото на убиениот новинар било распарчено да делови. Американскиот медиум се повика на извор близок до истрагата за убиството на саудискиот новинар.
Изворот кој го читал преведениот транскрипт од аудиоснимката вели дека е сосема јасно дека убиството што се случило на 2 октомври било планирано.
За време на вознемирувачките и мачни моменти во саудискиот конзулат во Истанбул, Кашоги, како што посочи тогаш изворот за „Си-ен-ен“, се борел за живот.
Новинарот Џамал Кашоги работеше како дописник за „Вашингтон пост“.