Оклахома во драматичен финиш успеа да ја совлада Барселона 92:89, во вториот претсезонски натпревар, кој е дел од подготвките за новата сезона во НБА лигата.
Барселона, во текот на целиот меч беше равноправен противник, а победникот го реши Енес Кантер со поените од линијата за слободни фрлања, додека во последниот напад Везенков не успеа да погоди тројка за продолженија.
Оклахома ја забележа првата победа во претсезоната, откако во понеделникот во Мадрид загуби од Реал 142:137.
Последната четвртина тренерот на Оклахома, Били Донован, ја одигра со резервната петорка, односно со играчи кои нема да имаат голема минутажа кога ќе започне НБА првенството.
Првата ѕвезда на тимот Расел Вестбрук постигна 12 поени, стартниот центар Стивен Адамс воопшто не играше поради повреда, а најефикасен кај Оклахома беше Енес Кантер со 24 поени.
Барселона ја предводеше Виктор Клавер со 25 поени, од кои 15 постигна во последната четвртина кога погоди три тројки од четири обиди.