Словачка е една од најуспешните европски земји во борба против коронавирусот, но во една работа во таа борба ѝ се спротивстави на Светската здравствена организација.
Вирусот продолжува да убива илјадници луѓе секој ден ширум Европа, но од таа низа се издвојува една земја, пишува “Bloomberg”. Словачка има најниска стапка на смртност во Европа од коронавирусот, со само четири жртви на милион жители.
За споредба, светскиот просек на починати на милион жители е 29,3, додека во најпогодените земји како Шпанија или Италија, тој е многу поголем. Шпанците, според податоците на сајтот “Worldometers” имаат 519 смртни случаи на милион жители, а Италијанците 458.
Словачка, земја со 5,5 милиони жители, ги затвори сите училишта, продавници и граници пред која било друга земја во Европа, а веднаш по Италија и почетокот на катастрофата во таа земја.
Освен што брзо реагираа, Словаците во едно нешто не ги послушаа препораките на Светската здравствена организација. Додека експертите на СЗО посочуваа дека “маските може да направат поголема штета од корист” и дека треба да ги носат само лекарите и луѓето кои се заболени, во Словачка имаа спротивен пристап.
Дури и пред словачката влада да воведе употреба на маски како задолжителна мерка, политичарите, но и ТВ водителите во таа земја промовираа употреба на маски.
Словачките мерки вродија со плод – тие ги воведоа мерките пред шест недели, а во моментов, според официјалните бројки, во таа земја од коронавирус починале 22, а заразени се вкупно 1.391. Во болниците има 180 лица, од кои само 8 на интензивна нега, а ниту еден пациент не е на респиратор. Дневниот просек на нови случаи во изминатата недела дена е 6.
“Брзината на реагирање беше клучна. Би било идеално епидемијата да се спречи во фаза каде што можете да ги пратите контактите на секој нов случај. Словачка ја направи вистинската работа”, вели Ева Шернхамер, раководител на одделот за епидемиологија на Факултетот за медицина во Виена.