Во Европската Унија стапката на невработеност во август се спушти на 7,6 отсто, што претставува најниско ниво од 2008 година, покажуваат податоците на Евростат.

Меѓу земјите на ЕУ најниска стапка на невработеност забележа Чешка со 2,9 отсто, а по неа следуваат Германија со 3,6 и Малта со 4,2 отсто. Најмногу невработени, пак, има Грција – 21,2 отсто, а во Шпанија невработеноста изнесува 17,1 отсто.

Иако Германија важи за движечка сила во европската економија, Чешка, поранешната комунистичка република, има најмала стапка на невработеност. Но, што доведе до оваа ситуација?

Првата и можеби најочигледна причина е тоа што Чешка има најевтина работна сила.

Меѓутоа, тоа не е единствена причина затоа што Бугарија, Романија, Унгарија и Полска имаат значително поевтина работна сила.

Експертите тврдат дека главна причина за ниското ниво на невработеност е во индустријата на земјата. Преработувачката индустрија во Чешка има најголем процент во економијата во однос на другите држави од ЕУ и е заслужна за една третина од сите работни места во земјата. Автомобилските компании, како „Тојота“, „Пежо“, „Ситроен“, „Шкода“ и „Хјундаи“ сега се меѓу главните мотори на чешката економија.

Исто така, битна улога имаат и владините стимулации од 90-тите години, кои вклучуваат даночни олеснувања за нови компании и средства за отворање нови работни места.

Според зборовите на Дејвид Марек, главниот економист во компанијата „Делоит“ во Прага, стапката на невработеност во земјата е ниска поради две причини.

Прво, создавањето работни места во фабриките е релативно лесно бидејќи субвенциите на владата придонесоа Чешка да стане атрактивна за глобалните производствени компании.

„Второ, чешката економија е многу добро поврзана со ЕУ. Кога на Европа ѝ оди добро, на Чешка ѝ оди уште подобро, а токму сега на Европа ѝ оди релативно добро“, вели Марек.