Во двата најголеми градови во Зимбабве избувнаа насилни протести како резултат на наглиот пораст на цената на горивата што владата го најави.
Демонстрантите ги блокираа патиштата и палеа гуми во главниот град Хараре, по што полицијата и војската беа испратени да интервенираат.
Во Булавајо, демонстрантите фрлаа со камења по полицијата додека се движеа кон Врховниот суд, покажуваат снимките споделени на социјалните медиуми од страна на една локална новинска агенција, која додава дека голем број продавници и супермаркети во центарот на градот биле ограбени во протестите, поради што останале затворени.
Гневните демонстранти вандализирале автомобили, но голем дел од нив се разбегале кога полицијата почнала да фрла солзавец за да ја растера насобраната толпа.
Од власта се правдаат дека Зимбабве ги има најниските цени на гориво во регионот и дека насилните протести се поттикнати од опозицијата.
Во саботата, владата на Зимбабве најави покачување на цената на горивото за 150 отсто.