6 C
Skopje
недела, април 14, 2024
More

    ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

    Младото Македонче што сонуваше да стане Македонскиот Бил Гејтс

    Уште за време на средното училиште Ванката од Струмица избра да ја следи информатика – било престижно, многу се заработувало и воопшто – иднината и припаѓала на компјутерската технологија.

    И тој почна да сонува еден ден да стане Македонскиот Бил Гејтс.

    Кога заврши факултет, Ванката ја откри малку поинаквата реалност – со доста труд најде работа во една скопска фирма која дава услуги во поставување и одржување на компјутери. Ништо – си рече тој – од негде мора да се почне. И продолжи секоја вечер да чита стручна литература и да вежба.

    Компанијата во која работеше Ванката изгледаше добро место за почеток – висината на платите – колку да не умреш од глад, но услужуваа престижни клиенти – дури и едно министерство. Токму од таму еден ден некој му заѕвони на управителот со веста дека компјутерот на заменик-министерот се расипал, имало потреба од итна интервенција – уште денес, додека човекот не се вратил од странство.

    Го замолија да го испрати најглупиот вработен за ако случајно види во компјутерот нешто што не е за гледање, да не сфати за што се работи. Директорот без двоумење го испрати Ванката.

    Го одведоа Вакната во кабинетот на заменик-министерот и бидејќи работата ќе потрае неколку часа, го оставија таму да работи сам на тишина.

    Ванката уште не ги беше завршил првичните тестови кога вратата одеднаш се отвори. Влезе полничок маж со насмевка на лицето, го поздрави и му даде запечатен плик.

    – За услугата. Многу благодарам и… ако има потреба, нели, да можам пак да се јавам…
    Потоа човекот излезе а Ванката го отвори пликот – внатре имаше дваесет илјади евра. По кратко двоумење тој воздивна, ги стави во џебот и продолжи со работата. Рацете сепак малку му се тресеа.

    Половина час подоцна телефонот почна да ѕвони и бидејќи звукот не престана, конечно Ванката ја крена слушалката. Беше весел машки глас:

    – Еј, шефе, голема работа заврши, да знаеш! Веќе бев очајен дека нема да биде. Слушај, јас не сум заборавил – Порше за твојот син. Само кажи на чие име да биде – формално нели.

    Без многу размислување Ванката ги кажа своите лични податоци.
    – За 1 час ќе биде на паркингот пред министерството. Ајде, извини, одам, ќе го испуштам летот. Кажи му на момчето со здравје да си го вози.

    Ванката веќе чувствуваше дека не може да најде каде е папката со драјверите. Ова му се случуваше прв пат во неговиот живот. И додека се обидуваше да се смири, вратата се отвори и влезе згодна млада дама.

    – Здраво – нежно му рече таа – Немате претстава низ што поминав за да дојдам до вас… И искрено, ве замислував малку постар. Како можам да го добијам она работно место?
    Ванката почувствува дека не може да зборува.

    – Па, можам да се сетам и сама – воздивна дамата, а потоа се сврте и ја заклучи вратата на кабинетот.

    Кога час подоцна таа си замина, на излезот рече дека воопшто не бил толку импотентен како што се зборувало…

    Сега Ванката не сонува да стане нашиот Бил Гејтс, наместо компјутерска литература чита партиски програми. Вежбите му се состојат главно во лепење на плакати – си избрал еден ѕид и управува со него.

    Сепак треба да се почне од нешто, нели?

    Latest Posts

    АКТУЕЛНО

    Stay in touch

    To be updated with all the latest news, offers and special announcements.