Грчкиот премиер, Алексис Ципрас, би можел да го преживее гласањето недоверба на владата во парламентот, но нема да ја врати довербата на грчкиот народ, изјави лидерот на опозицијата, Киријакос Мицотакис.
Во интервјуто за „Ант 1ТВ“ лидерот на Нова демократија ги повика пратениците внимателно да размислат како би гласале во парламентот.
„Гласањето недоверба значи гласање на договорот од Преспа и гласање за влада што ѝ штети на земјата“, изјави лидерот на опозицијата коментирајќи го договорот од Преспа потпишан помеѓу Грција и поранешната југословенска Република Македонија, повторувајќи дека неговата партија нема да гласа за ратификација на договорот, пишуваат грчките медиуми.
Мицотакис исто така рече дека договорот на македонскиот премиер Зоран Заев му дава право да го монополизира името Македонија и дека од Грција го добил она што навистина го сака, а тоа се македонскиот идентитет и македонскиот јазик.
Договорот, кој е ратификуван во петокот во парламентот во Скопје, ќе биде ставен на галасање и во грчкиот парламент, додаваат медиумите.
„Ако не помине во грчкиот парламент, тогаш преговорите треба да почнат од почеток“, изјави лидерот на Нова демократија велејќи дека врз него не бил извршен притисок ниту од страна на германската канцеларка Ангела Меркел ниту од Европската народна партија кога станува збор за прифаќање на договорот.