Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешното интервју во дневникот на телевизија „Сител“ обвини дека СДСМ се обидува да купи пратеници на ВМРО-ДПМНЕ за составување на новата влада.
„Можам да пренесам дека се згрозувам од тоа што некои од пратениците ми го пренесуваат, за тоа како им приоѓаат луѓе кои што се претставуваат од името на луѓето кои што се дел од раководството на СДСМ. Им нудат разни привилегии, се споменуваат шест-седум цифрени бројки во евра и амнестии за судски случаи“, тврди Мицкоски.
„Се разбира, тие обиди се брутално одбиени“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Меѓу другото, Христијан Мицкоски изјави дека неговата партија ќе продолжи да се бори водејќи се од принципи, но истовремено партијата ќе отфрли формирање на влада по секоја цена и преговори под уцени.
Неодамна и претседателот на партијата Левица, Димитар Апасиев во емисијата „Само Вистина“ тврдеше дека СДСМ „со подмитување со станови со сума од 100 до 500 илјади евра“, врши обид за купување на пет пратеници.
Да потсетиме, на неодамнешните парламентарни избори, најголем број на мандати освои коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ (46), додека два мандати помалку освои ВМРО-ДПМНЕ.
Извор: tocka.com.mk