Информациите на социјалните медиуми дека министерот за здравство, Венко Филипче, ја вакцинирал неговата внука Илина со МРП вакцина е лажна вест, реагираат од Министерството за здравство, од каде појаснуваат дека Илина е премногу мала и не може да биде вакцинирана против морбили.
„На социјалната мрежа Фејсбук, министерот Филипче објави информација и фотографија како ја вакцинира внуката со вакцина од редовниот календар на имунизација, со цел со неговиот личен пример да и покаже на јавноста дека вакцинацијата е вистински чекор во заштита од заразните болести“, објаснуваат од министерството од каде ја пренесуваат и изјавата на Филипче во врска со овој случај.
„Мојата внука е мала и не може да биде вакцинирана од МРП вакцината. Но, јас како дел од здравствените работници ги уверувам сите граѓани дека вакцините се безбедни. Процесот на вакцинација е апсолутно безбеден, и тоа е вистинска инвестиција во здравјето на децата. Демантирам дека иглата при вакцинацијата била со капаче. Станува збор за еден адаптер кој се надоврзува на шприцот. Поради тоа на фотографијата не се гледа иглата на вакцината“, вели Филипче.
Од Министерството за здравство апелираат граѓаните да ги проверуваат вестите кои се пласираат во дел од медиумите, бидејќи, како што велат, станува збор за лажни вести.