Кошаркарите на МЗТ сѐ уште се без победа во Еврокупот. Четвртиот пораз МЗТ го забележа од Гран Канарија 75-98 (17-24, 16-27, 22-18, 20-29). Натпреварот со Гран Канарија МЗТ го искористи за да се потсети на најголемата победа во пет децениската историја, кога на 6.ноември 1996 година во Скопје беше совладан Реал.
Гран Канарија сезоната ја започна со освојувањето на шпанскиот Суперкуп, со што најави дека има големи амбиции во тековната сезона, ја оправда фаворитската улога во „Јане Сандански“, против петкратниот македонски шампион МЗТ.
МЗТ одигра онолку колку што му дозволи шпанскиот состав, во моментите кога МЗТ ќе ја воспоставеше својата игра играчите на Гран Канарија ќе го подигнеа нивото на својата игра не оставајќи му на противникот ниту трошка надеж дека ќе може да направи изненадување.
Шпанците во финишот на првата четвртина прв пат стигнаа до двоцифрена предност (12-22), но МЗТ со серија 13-4 во 12.минута се доближи на поен негатива (25-26).
Тогаш Гран Канарија одговори на предизвикот со 18 поени (Куртиќ во таа серија постигна осум), прими само два и во 17.минута резултатот беше 27-44.
Второто полувреме наликуваше на контролен меч, иако МЗТ во 28.минута дојде до десет поени негатива (53-63).
До крајот на мечот дилемата беше само со колкава разлика ќе биде изразен триумфот на Гран Канарија.
МЗТ на овој меч го предводеше Џош Скот со 22 поени (9/11 за два), 12 скокови и две блокади. Одличен меч одигра Мекиќ кој реализира 11 кошеви (3/5 за три). Двоцифрени кај домаќинот беа уште Тејмс со 15 и Синовец со 11 поени.
Во тимот на Гран Канарија најефикасен беше Куртиќ со 19 поени, додека Американците со македонски пасош Мекејлеб и Хендрикс имаа скоромен учинок. Мекејлеб шест поени (3/9 за два), пет скока и седум асистенции, а Хендрикс постигна три поени на кои надогради по еден скок и асистенција.