6 C
Skopje
четврток, ноември 7, 2024
More

    ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ

    МЗТ Скопје: Нема опасност од никакви санкции

    Кошаркарскиот шампион на Макеоднија, екипата на МЗТ Скопје Аеродорм, со соопштение одоговори на информацијата, која во средата ја пренесоа некои медиуми, дека Македонската кошаркарска федерација (МКФ) му се заканува на клубот со дисциплинска постапка доколку, до 30.септември не се откаже од настапите во Еврокупот и АБА лигата.

    mzt

    МЗТ во новата сезоната ќе настапува во Еврокупот и АБА лигата, во која исто така сезонава ќе дебитира и екипата на Карпош Соколи.

    Во продолжение во целост го пренесуваме соопштението на МЗТ: „Денешното објавување на дописот кој Македонската кошаркарска федерација (МКФ) го испратила до МЗТ Скопје Аеродром, а во кој ни се „НАЛОЖУВА официјално да се откажеме од настапот во Еврокупот и АБА-лигата“, креира потреба од дополнително објаснување од наша страна, со цел јавноста да ја има вистинската слика за оваа ситуација, која и тоа како го засега нашиот клуб.

    Прво би сакале да напоменеме дека денеска објавениот допис е од пред 40-тина дена (16 август) и е само прв од преписката која во следниот период постоеше помеѓу МКФ и МЗТ Скопје, со цел да се најде заеднички јазик и излез од проблемот кој ги притиска двете страни. Мора да нагласиме дека сме свесни дека реакцијата на Федерацијата доаѓа по притисок од ФИБА и закана за евентуална суспензија на националниот тим и тоа пред почетокот на квалификациите за пласман на ЕП 2017.

    Поради тоа, во нашиот одговор до МКФ испратен неколку дена подоцна, побаравме да ни биде доставена писмената одлука на ФИБА, со цел „таа да биде разгледана и да биде заземен став кој кореспондира со постојните прописи, интересите како на клубот така и на Федерацијата“. Истовремено, од МКФ, како заштитник на интересите на сите кошаркарски клубови кај нас, побаравме да „преземе соодветни дејствија за оценување на легитимноста и законитоста на одлуката на ФИБА“.

    Поради сето ова, а пред сѐ поради фактот што нашиот настап во двете реномирани натпреварувања на УЛЕБ значи и голем плус за македонската кошарка воопшто, од Управниот одбор на МКФ побаравме да ја повлече донесената одлука од 16 август бидејќи во спротивно ќе преземеме дејства за „оценување на законитоста на истата од страна на Собранието на МКФ со оглед на фактот што УО на МКФ е одговорен за своето работење токму пред овој орган“.

    Исто така, побаравме бидеме информирани за „начинот на надомест на штета на нашиот клуб која би настанала ако се откажеме од настап во Еврокупот и од АБА-лигата или да ни понудите алтернатива за учество во друго меѓународно натпреварување“.

    По нашиот приговор, на 13 септември годинава, добивме нов допис од МКФ во кој челните луѓе на Федерацијата нѐ известуваат дека „претходната одлука од 16 август пред сѐ има ИНФОРМАТИВНО-ОПОМЕНУВАЧКО дејство бидејќи е врзана со евентуално друга настаната ситуација. Оваа одлука (од 16 август-н.з.) во моментов не може да има дејство бидејќи сѐ уште од ФИБА Европа нема конечен став по однос на учествата во наведените лиги ниту конкретна одлука за санкционирање на МКФ. Во оваква ситуација, кога сѐ уште нема конкретни санкции ниту против МКФ ниту према вашиот клуб нема потреба да се дискутира и за евентуална штета која би ја претрпел МЗТ Скопје Аеродром. Секако не е цел на МКФ да било која членка, а особено не државниот првак да биде оштетен. Проблемот не е помеѓу МКФ и клубовите, туку истиот е наметнат од ФИБА Европа каде што МКФ е членка, со надеж дека истиот позитивно ќе се реши без никакви санкции, штети и спорови“.

    Сето ова покажува дека МЗТ Скопје Аеродром во моментов не е во опасност од било каква санкција било од УО на МКФ било од Дисциплинската комисија на Федерацијата, ниту, пак, е загрозан нашиот настап во Еврокупот и во АБА-лигата. Исто така, покажува дека постои дијалог помеѓу двете страни, со оглед на заедничката цел – мирно решавање на проблемот кој е инициран на далеку повисоко ниво.

    Исто така, со оглед на сензитивноста на прашањето, би замолиле во иднина да бидеме консултирани пред да се објавуваат текстови поврзани со оваа тема, пред сѐ поради зачувување на интегритетот на нашиот клуб, на МКФ, но и на македонската кошарка во целост.

    Последни објави

    АКТУЕЛНО

    Stay in touch

    To be updated with all the latest news, offers and special announcements.