Кошаркарскиот шампион на Македонија, МЗТ Скопје Аеродом, нема намера да го напушти натпреварувањето во Еврокупот и покрај заканите, кои во вторникот, беа упатени на редовната седница на Управниот одбор на Кошаркарската федерација на Македонија (МКФ), дека клубот ќе биде соочен со снакции доколку до 25.ноември не се откаже од ова натпреварување.
МЗТ е решен и покрај сите случувања да продолжи да се натпреварува во Европкупот. Според клубот настапот во ова натпреварување е од интерес за македонската кошарка, во момети кога репрезентативните селекции бележат лоши резултати.
Инаку, на седницата на УО, претседателот на МКФ Петар Наумовски го презентираше писмото на ФИБА, со кое Светската куќа на кошарката се закани дека доколку тоа не се случи, дека ќе ги суспендира репрезентативните селекции.
„Читајќи го последниот допис од ФИБА Европа (приложен со ова соопштение), не гледаме толку ригорозни ставови во врска со евентуална казна на клубовите кои настапуваат во Еврокупот, како што некој сакаше тоа да го претстави на денешниот состанок на УО на МКФ. Во него се споменува дека екипите што играат под капата на УЛЕБ немалo да ги пуштаат своите репрезентативци, без да се дообјасни дека таквото нешто би можело да се случи дури следната сезона, а не оваа во која се спори нашиот настап во Европа. Згора на тоа, во дописот никаде не е конкретно наведено дека е загрозено учеството на репрезентацијата на Македонија во натпреварите во кои треба да се бориме да не испаднеме во дивизија Б. Затоа, нѐ зачудува константниот притисок кој го трпиме од челниците на МКФ за напуштање на кошаркарскиот крем, кое е под закрила на некакво си барање од ФИБА, кое ниту еднаш досега не дошло во конкретна писмена форма“, стои во соопшението МЗТ.
Како што велат од клубот Европската федерација испраќа заканувачки писма за своите членки, бидејќи остава валканата работа да ја вршат националните федерации.
„Во тој контекст ја сфаќаме и денешната закана од УО на МКФ за евентуална казна ако не се повлечеме од Еврокупот, нешто што не само што нема да го прифатиме туку и нешто против кое ќе се бориме со сите расположиви правни аргументи и средства. МЗТ Скопје Аеродром е сериозен клуб, кој своите планови, а со тоа и буџет ги прави многу пред почетокот на сезоната. Веќе имаме потпишано спонзорски договори со реномирани коминтенти и преземено обврски кои се тесно поврзани со настапите во Еврокупот. Тука е и договорот за телевизиски права, кој исто така е значајна ставка во нашата годишна пресметка. Ова значи дека евентуалното откажување од ова натпреварување ќе нѐ доведе во непријатна ситуација да плаќаме пенали и да се најдеме во ситуација во која би била загрозена целосната егзистенција на петкратниот шампион на Македонија. И, се прашуваме, дали во една вакво црно сценарио за нашиот клуб, МКФ или ФИБА Европа би ни ги покриле овие огромни загуби. Или само би биле колатерална штета во војната на големите кошаркарски сили“, се наведува во соопштението.
Клубот на МКФ и порача да не носи избрзани одлуки и своите постапки и насоки на делување да ги координира со останатите федерации, кои се засегнати од овој проблем, пред се федерациите од просторите на поранешна Југославија.
„Не бараме ништо повеќе, само заштита и поддршка каква што имаат матичните клубови од националните федерации на Црна Гора, Хрватска, Србија… Да се наштети е многу лесно, да се помогне во проблематична ситуација е доблест, која и тоа како треба да биде во описот на задачата на луѓето кои ние клубовите ги избравме за свои предводници. Главен интерес на МЗТ Скопје Аеродром секогаш е развојот на кошарката и доброто на луѓето кои живеат во нашата потесна, но и поширока заедница. Поради тоа, борбата за сопствените права ја сфаќаме максимално сериозно, бидејќи со тоа истовремено се бориме за секој што сино-белата боја му е при срцето, но и за сите кои му мислат добро на македонскиот спорт. Уверени сме дека немаме направено грешка и подготвени сме да се бориме за своите права и тоа на идентичен начин како илјадниците играчи кои минале низ нашиот тим – до последниот атом енергија и до последната капка пот“.
Инаку, МЗТ, во среда, ќе ја пречека Гран Канарија во Еврокупот, а овој меч ќе биде искористен за клубот да го обележи јубилејот, 20 години од триумфот на МЗТ против Реал.