Книгата на поранешната прва дама на САД, Мишел Обама, се продава подобро од бестселерот „Педесет нијанси сиво“, објави „Амазон“.
Иако на пазарот е 65 дена, книгата „Бикаминг“ влезе меѓу највлијателните наслови на деценијата, објави „Си-ен-ен бизнис“.
Мемоарите на поранешната прва дама е најпродавана книга на „Амазон“ во последните 47 дена.
Книгата е објавена на 13 ноември. Во неа Мишел раскажува за својот живот почнувајќи од детството. Пишува за расизмот во јавниот живот, за бракот со поранешниот претседател на САД, Барак Обама, но и за личните искуства како прва дама со афроамериканско потекло.
Од издавачката куќа „Рендом хаус“, која наводно платила 65 милиони долари за авторските права на мемоарите, соопштиле дека книгата е продадена во повеќе од 1,4 милион примероци само во првата недела од издавањето.
Книгата е преведена на 23 јазици, а освен во САД, на прво место е и во Финска, Норвешка, Данска, Германија, Португалија, Англија и во Сингапур.