Медицинскиот техничар Натан Сатерленд (36) е обвинет за сексуална злоупотреба на парализирана пациентка која роди негово дете, откако е докажано дека неговата ДНК се совпаѓа со новороденчето.
Сепак, неговиот адвокат, Дејвид Греган, тврди дека нема директни докази дека неговиот клиент е виновен за силување, пишува „Дејли мејл“.
Тој го опиша Сатерленд како семеен човек со мали деца кој живее во Аризона од 1993 година.
Сатерленд се појави во судот во средата, но не се изјасни за виновен. Врховниот суд на округот Марикопа му одреди кауција од 500 000 долари.
Пациентката (29) со индијанско потекло, која беше сместена на клиника во Аризона од својата трета година, ги шокираше вработените во болницата кога почна да се пораѓа на 29 декември бидејќи никој не знаеше дека е бремена. Иако првично беше напишано дека е во кома, се откри дека таа е всушност квадриплегичар. Таа не зборува, а во раното детство имала бројни напади што ја направиле ментално ретардирана. Има мала подвижност во екстремитетите, главата и вратот, реагира на звук и може да гестикулира со лицето. Ова значи дека била свесна или будна додека напаѓачот ја силувал, пишува „Сан“.
Иследниците открија дека Сатерленд се грижел за жртвата и поминувал многу време со неа откако почнал да работи во болницата во 2012 година.
За малото момче кое е родено ќе се грижи семејството на мајката.
Сопругата на Сатерленд поднела барање за развод на 5 декември 2018 година, односно три недели пред да се породи жртвата.