Паоло Малдини реши да проговори пред дербито на Милано, велејќи дека неговиот поранешен тим Милан можеби нема најдобри резултати, но градските ривали Интер имаат резултати, но немаат добар фудбал.

Викендов има одлични дербија во италијанскиот фудбал – денеска играат Јувентус-Лацио и Рома-Наполи, додека во недела навечер на програма е „Дерби дела мадонина“, Интер-Милан.

„Летово Милан купи 11 нови играчи, така што е потребно време да се направи тим. Целите на стартот на сезоната сега стануваат потешки за остварување. Милан и Интер го немаат остварено потенцијалот. Интер можеби има резултати, но нема добра игра. Милан нема добри резултати освен со мали тимови. Психолошки Интер се во предност, а со победа ќе направат разлика од 10 поени пред Милан“, вели Малдини во интервју за „Кориере дела сера“.

Малдини, кој цела своја кариера ја посвети на Милан, имаше што да каже и за изненадувачките Наполи, кои ја отворија сезоната со рекордни седум победи.

„Начинот на кој играат Наполи значи дека се фаворити за скудетото. Но, да не заборавиме дека Јувентус имаат поголемо искуство во играњето на Лигата на шампионите и во Серија А. Лично, се надевам дека Наполи ќе бидат шампиони, бидејќи нивниот фудбал е спектакуларен“, вели Малдини.