Балканот во европски рамки се уште најчесто важи како за подрачје кое е непредвидливо и само по себе се коси со секаква логика на нормалното човечко однесување, карактеристики кои ги прават овие простори доволно интересни и пред се енигматични за туристите.
Самите Балканци пак, чиј животен стил најчесто е „од денес за утре“, ретко се соочуваат со региони и простори кои се понепредвидливи од својот и кои преставуваат вистински предизвик за нив. Еден од таквите региони дефинитивно се просторите од поранешниот Советскиот сојуз, а во случајот на нашето патување тоа беше украинскиот црноморски град Одеса.
Сместен на југот на земјата и бреговите на Црното море, милионскиот град Одеса денес претставува културен и туристички центар на Украина, чија состојба во моментот е далеку од идеална – земјата се наоѓа во виорот на војната, нешто што е особено изразено во источните делови, каде што секојдневно има судири помеѓу украинската војска и проруските сепаратисти.
Украинското искуство започнува уште од пристигнувањето на аеродромот, каде што обичајот се состои во пазарење со локалните таксисти, односно почетната цена најчесто е 30 евра, за доколку сте умешни да стигнете до нормалната цена од околу три евра. Степенот на англиски кој ќе го користите додека сте во Одеса е основниот, односно најчесто употребуваните фрази на англиски се „здраво“ и „чао“. За се останато тука е рускиот јазик, кој иако во Украина, го говори поголем дел од населението во Одеса, и кој како на Словени ни е колку-толку близок и може да се искористи како основа за да се дојде до некакво разбирање.
„Од каде рековте дека сте вие, Македонија, Србија…. Југославија така? Убава земја!“, беше дел од разговорот со нашиот таксист, малку на руски, малку на англиски, малку на македонски.
Вториот дел од украинското искуство дефинитивно е возењето до својата дестинација во градот. Кога се возите од аеродромот до центарот на Одеса, чувство е како да се возите низ повеќето југословенски градови, но со таа разлика што впечатокот е како да се работи за почетокот на 90-тите години, односно поминувате низ типични комунистички индустриски комплекси и згради, недоправени патишта итн. Десетина минути и петнаесетина неевидентирани сообраќајни прекршоци подоцна, стигнавме до целта и нашиот хотел, кој се наоѓаше на централната улица Дерибасовска.
Центарот на популарно нарекуваниот „Одеса Мама“ град пак, главната пешачка улица Дерибасовска, е тотално поинаква приказна од претходно споменатото. Низ центарот ќе забежелите повеќе грандиозни градби, чија архитектура е мешавина на стиловите барок, рококо и класицизам, а оние места кои никако не можете да ги утнете се зградата на Операта и Балетот, Потемкиновите скали и статуата на војводата Ришеље, Приморскиот булевар и споменикот на руската императорка Јекатерина Велика. Испреплетен со многу вакви градби, ресторани и барови, центарот на Одеса е преполн со туристи преку целиот ден и до доцна во ноќта.
Низ градот исто така може да се забележат и доста споменици и историски знаменитости од Советскиот период, како што е и Споменикот на непознатиот морнар, еден од симболите за победата во Втората светска војна. „На 8-ми мај секоја година ја славиме победата над фашизмот… Но некако сепак не се чувствуваме како победници“, воздивнува 26-годишната Настја, осврнувајќи се на моменталната состојба во Украина.
Како турист кој за првпат доаѓа во Одеса, го немате она чувство дека во земјата е опасно и владее воена состојба, односно атмосферата тука е типична како и во сите останати туристички места на Црноморјето – насмеани лица, забава и алкохол насекаде. Преку ден плажите се преполни со туристи, а ноќта, пак, сите се упатуваат кон локалните ресторани, барови и дискотеки, најчесто во центарот на градот или пак на плажата Аркадија, место кое што наједноставно може да се опише како мешавина на Советскиот сојуз и монденското летувалиште Ибица. Низ повеќето барови ќе слушнете исклучиво ќе руски и украински музички хитови, а караоке пеењето, пак, е еден вид на начин на живот за Украинците, и искуство кое што не треба да се пропушти.
Во повеќето ресторани во Одеса преовладува морската храна, а покрај традиционалната супа борш на менијата ќе наидете и на многу јадења од свинско месо. Освен традиционалната украинска храна, која што горе долу е блиска до балканската, низ градот ќе наидете и на многу грузиски ресторани, чии специјалитети, хинкали – варено тесто на пареа полнето со мелено месо и кашкавал и качапури – вид на грузиска пица, дефинитивно вреди да се пробаат. Од алкохолот, пак, она што имавме можност да го дегустираме за време на престојот во Одеса беше украинското нефилтрирано пиво, грузиското вино и грузиската ракија чача, сите со свој уникатен вкус.
Цените низ Одеса, пак, за балкански прилики се доста евтини, а во споредба со останатите украински градови се дури и повисоки, што значи дека просечен Балканец низ Украина може да истера еден прилично солиден одмор. „Да заработувате околу сто евра во Одеса е веќе добра плата. Многу од младите наоѓаат работа само на лето, остатокот од годината е доста тешко“, раскажува 25-годишната Карина. Крајностите се уште една карактеристика на Одеса, така што не е невообичаено во некоја запуштена и сиромашна област често да налетате на ултра ексклузивен ресторан – налик на оние во Њујорк, Лондон или пак Париз.
Покрај невработеноста, криминалот и корупцијата е уште еден доста голем проблем со кој се соочува градот, а ситуацијата на политички план е дополнително усложнета поради фактот што градоначалникот на Одеса, Генадиј Труханов и гувернерот на регионот Одеса, поранешниот грузиски претседател а сега украински државјанин Михаил Сакашвили, се во постојана политичка конфронтација. Сакашвили, пак, за кого нема да слушнете многу позитивни работи нити од Украинците нити пак од Грузијците, беше назначен на оваа позиција лично од украинскиот претседател Петро Порошенко, во обид да се сузбијат криминалот и корупцијата во овој регион.
За време на летото, пак, градот воглавно живее од туризмот, а бројот на туристи во последните неколку години во Одеса особено е зголемен поради уште еден политички конфликт – руската анексија на Крим, кој претходно важеше за најпопуларна летна дестинација помеѓу Украинците. „Можеби на Крим ќе одиме пак кога ќе ни го вратат“, вели 22-годишната Ксенија, за која Одеса во моментов е идеално место за поминувањето на летниот одмор. Повеќето туристи низ Одеса се од земјите од поранешниот Советски сојуз, така што покрај Украинци и Руси ќе сретнете Белоруси, Грузијци, Азербејџанци, Ерменци… но и по некој залутан Французин, Германец или Американец, сите дојдени да ја искусат уникатната украинската авантура.
Крајот на патувањето во Одеса заврши слично како и на почетокот, повторно пазарење со таксисти за навреме да се фати летот за Македонија. Малиот и преполн аеродром во Одеса и бескрајните редиците за чекање беа нешто што потсетува на Балканот и на две реалности кои што се толку слични, но истовремено и толку различни.