Кошаркарите на Кливленд, со уште една убедлива победа над Торонто 113-87, ја освоија титулата во Источната конференција и изборија пласман во големото финале во НБА лигата. Противник во финалето ќе им биде победникот од серијата на Западот која ја играат Голден Стејт и Оклахома (2-3).
Кливленд втора година по ред ќе се бори за титулата во НБА лигата, додека најдобриот играч на тимот, Леброн Џејмс, шести пат ќе игра во завршниот меч (четири пати со Мајами, два пати со Кливленд).
Џејмс, во Торонто постигна 33 поени на кои придодаде 11 скокови. „Кралот Џејмс“ е осмиот играч во историјата кој стигнал до шест поледователни финалиња, а е прв во НБА лигата кој стигнал до вакво остварување, а да не е играч на Бостон Селтикс.
Покрај Џејмс, одличен меч одиграа и останатите двајца од „Големата тројка“ на Кливленд, Кајри Ирвинг постигна 30 поени, а Кевин Лав имаше учинок од 20 поени и 12 скокови.
Кај Торонто се истакнаа Кајл Лаури со 35 и Демар Дерозан со 20 кошеви. Торонто, клуб кој постои 21 година, го играше своето прво конференциско финале.
Инаку, Кливленд Кавалирс ќе се обидат да го прекинат петдеценискиот пост, односно на градот да му ја донесат првата титула во некој од професионалните спортови во САД. Последен пат градот Кливленд имал шампион во САД, кога во 1964 година во градот пристигнала титулата во НФЛ лигата.