Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција донесе наредба за спроведување истрага против пет лица – двајца македонски и тројца албански државјани.
Петмината неовластено и заради продажба купувале и пренесувале марихуана.
Како што стои во соопштението, по претходен договор, македонските државјани изнајмиле автомобил со кој требало да се подигне дрогата. Кога била извршена исплата за пратката, еден од осомничените со изнајменото возило се упатил кон договореното место во близина на граничниот премин со Албанија – Блато.
Според насоките, тој подигнал две торби што биле оставени од други лица, а во кои била спакувана дрогата, и се упатил кон Дебар, каде што требало повторно да се сретне со двајца од осомничените албански државјани.
Движејќи се низ улиците на Дебар, осомничениот забележал полициски пункт, го оставил изнајмениот автомобил и влегол во такси-возило со цел да продолжи кон договореното место за средба, но и таксито било запрено од полицајците. Во присуство на осомничениот бил извршен претрес на оставениот автомобил, каде што биле пронајдени 20,2 килограми марихуана.
Од Обвинителството велат дека постои основано сомневање оти лицата сториле кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.
Ценејќи дека се исполнети законските основи, обвинител до судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 доставил предлог за определување притвор за сите петмина. Судот го прифатил предлогот и со решение на осомничените им определил притвор во траење од 30 дена.