Увидот на местото на несреќата кај Ласкарци траеше цела ноќ и речиси цел ден вчера, а потоа автобусот е кренат и однесен во депо каде машински инжењери го вештачат. Денеска се очекуваат првите сознанија за причините за трагичниот крај на патот на автобусот на „Дурмо Турс“, пишува Скопско Ехо.
Во меѓувреме, семејствата се простуваат од 14-мината загинати. Најмладиот 19 –годишен, а најстариот 66. Онур Садику наредниот месец требало да наполни 20 години, а се враќал од испит на Медицинскиот факултет. Положил. Малку постарата од него, 21-годишната Бејза Узеири студирала архитектура и се враќала во родната Долна Белица. Бобан Аврамовски загина на 22 години и незавршени студии по дизајн на ФОН.
Дали останатите кои се во тешка состојба ќе се спасат се очекува денеска да соопштат лекарите. Имено кај тројца, на клиника, ситуацијата е сеуште животно загрозувачка. Ист број на патници во животна опасност има и во „8 Септември“. Останатите, од вкупно, преку 35 повредени, се веќе сместени по одделенија и може да се каже дека животите не им се во опасност.
Возачот е меѓу полесно повредените. Имал полесни повреди на екстремитетите, па е пуштен на домашно лекување со редовни амбулантски контроли. На истражните органи не им открил дали разговарал на мобилен телефон кога настапиле секундите на смртта, односно не кажал друго ништо. За сега единствено се знае дека немал алкохол во крвта, ниту пак други наркотични супстанци, но и дека нема траги од кочење на патот.
Несреќата се случи завчера околу 17 часот, на автопатот кај селото Ласкарци, на неколку километри од првата патарина пред Тетово. Според извештајот од увидните екипи, од засега неутврдени причини, автобусот скршнува од коловозната лента, ја пробива банкината, влегува во коловозната лента каде се вози во спротивна насока, ја пробива и втората банкина, се превртува, паѓа на стариот пат, повторно се превртува и паѓа на кров во дол во нива.
Се јави и компанијата „Дурмо турс“, но преку соопштение. Изразија сочувство до семејствата и нагласија дека автобусот бил редовно сервисиран, а компанијата ги поседува сите лиценци.
Извор: Skopskoeho.mk