Од утре па во следните 14 денови градинките, училиштата и факултетите нема да работат, а се забрануваат јавни собири и манифестации на отворен и затворен простор на кој се очекуваат повеќе од 1.000 лица, информираше на денешната прес конференција министерот за здравство, Венко Филипче.
Како што кажа тој, еден од родителите на децата до 10 години ќе биде ослободен од работа за да може да ги чува децата, а притоа отсуството од работа ќе му биде платено. Министерот потенцираше дека мерката се однесува како за вработените во државните, така и за оние вработени во приватните институции.
Во овој правец Филипче апелираше да се избегнува одење во игротеки или слични места каде што децата би биле во контакти со поголем број на други деца.
Воедно, се воведува задолжителна самоизолација на сите кои доаѓаат од средно и високо ризични држави во период 14 дена, според листата што ја објавува Светската здравствена организација. Се препорачува на возрасните и повисоко ризичните категории на граѓани со хронични болести да го намалат движењето и да избегнуваат да користат јавен превоз.
Понатаму, се препорачува да се избегнува патување во земјите со среден и висок ризик, а ќе се воведе и health locator карта за сите летови и сите авиокомпании. Владата и владините институции ќе ги прекинат сите патувања и конференции. Се забранува и организирање меѓународен автобуски превоз (вклучително и со комбе и мини бус) од и во Македонија од високоризичните земји.
Тие што не ги препорачуваат препораките ќе бидат казнети согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик.