Кандидатот за градоначалник на општина Аеродром од ВМРО-ДПМНЕ, Ивица Коневски, денеска заедно со Коце Трајановски ветија изградба на нов мост во општината.

„Од многубројните проекти што ги предвидовме во предизборната програма за општина Аеродром, денеска заедно со градоначалникот на град Скопје, Коце Трајановски, го промовиравме заедничкиот проект за изградба на мост преку реката Вардар од Спортскиот центар „Јане Сандански“ кон општина Гази Баба, со што ќе се поврзат двете општини и во голема мера ќе се олесни движењето на граѓаните“, рече Коневски.

Како една од најбрзорастечките општини во градот, како што рече градоначалникот Трајановски, Аеродром има само два влеза и излеза кон центарот на Скопје (преку булеварите Кузман Јосифовски-Питу и Трета македонска бригада), така што има потреба од уште едно поврзување преку булеварот АСНОМ, на кој ќе се гради овој капитален проект, односно новиот мост, кој ќе го намали сообраќајниот метеж.

„Ова е уште еден доказ дека соработката со Градот Скопје и со градоначалникот Коце Трајановски е одлична и дава видливи резултати. Очекувам оваа соработка да продолжи и понатаму во интерес на жителите на општината“, нагласи Коневски.