Американската пејачка Кејти Пери не доби виза за Кина каде што требаше да настапи на ревијата на „Викторијас Сикрет“ на крајот на месецов.

Кинеските медиуми објавија писмо во кое Кејти Пери ги моли кинеските власти да направат исклучок и во кое се наведува дека на никаков начин нема да го загрози кинеското единство и интегритет.

Пред две години Кејти Пери ги налути кинеските фанови откако настапи замотана во знаме на Тајван на концерт во Тајпеј, но и сончогледи кои биле симбол на протестите во Тајван.

Кина тврди дека Тајван е нивна територија и врши притисок на меѓународните организации да не ѝ дозволат на оваа земја да учествува на настани под ова име, ниту да го користи знамето.

Освен Кејти Пери, на „црната листа“ на Кина се и Лејди Гага, Бјорк, Ричард Гир и други.