Анемијата настанува доколку дојде до намалување на хемоглобинот во еритроцитите, намалување на бројот или на волуменот на еритроцитите.
Причините за појава на анемијата најчесто се бројни болести на другите органи, употребата на некои лекови, поголем губиток на крв и неадекватна исхрана.
Организмот може да создаде и антитела, кои напаѓаат и ги уништуваат сопствените еритроцити. Анемијата понекогаш потешко се открива и дијагностицира, бидејќи симптомите можат да бидат многу благи, па пациентот не ги забележува или не ги прима сериозно.
Често се случува, болните кои страдаат од други болести да мислат дека симптомите им се јавуваат како последица на тие болести или нуспојави на лековите кои веќе ги користат.
Понекогаш на пациентите заболени од анемија и основните, секојдневни активности им претставуваат голема тешкотија, особено ако слабокрвноста е здружена со некоја друга болест.Најчести симптоми на анемијата се: умор, поспаност, главоболка, вртоглавица, бледило на кожата, кршливост на ноктите и косата, тахикардија, нарушување на сонот, губиток на апетит, депресија и чести инфекции на респираторниот и уринарниот состав.
Доколку пациентот забележа некои од овие симптоми кај себе, потребно е да се јави кај својот лекар, кој врз нивна основа и на лабораториската анализа на крвта ќе дојде до точна дијагноза.