Единаесет години по дебито во најсилната кошаркарска лига во светот, НБА, Леброн Џејмс изминатата ноќ стана играч со најмногу постигнати поени во НБА плејофот. На првото место тој го мина легендарниот Мајкл Џордан.
Кливленд ја заврши финалната серија на Истокот со вкупен триумф од 4-1 против Бостон, а Леброн мечот го заврши со 35 поени, по осум скокови и асистенции и три украдени топки. Џејмс на 70 секунди до крајот на третата четвртина го надмина рекордот на Џордан.
„Кралот Џејмс“, во НБА плејофот има одиграно 212 натпревари на кои постигнал 5.995 поени, додека Џордан, кој 19 години го држеше рекордот, постигнал 5.989 поени (179 натпревари).
Ѕвездата на Кливленд е единствениот во лигата кој се наоѓа меѓу Топ 10 играчите во три статистички категории (поени, скокови, асистенции).
Џејмс ќе го игра своето седмо последовно финале во НБА лигата и ќе се бори за својата четврта титула.