Она што се најави пред неколку часа, сега е и официјално – Перо Антиќ до крајот на сезоната ќе игра во дресот на Црвена Звезда!

Белградскиот клуб официјално го потврди трансферот на македонскиот крилен центар од Фенербахче. Еден од најдобрите македонски кошаркари во историјата и првиот и единствен Македонец кој заиграл во НБА лигата, потпиша едногодишен договор со Црвена Звезда.

Актуелниот српски и АБА шампион преку официјално соопштение потврди дека Антиќ е нов играч на клубот од „Мали Калемегдан“.

Некогашниот кошаркар на Црвена Звезда Перо Антиќ се враќа во црвено-белиот дрес, откако денеска потпиша едногодишен договор со актуелниот шампион на АБА и КЛС лигата“, порачаа од Звезда на официјалниот клупски сајт.

Црвена Звезда на крајот упати и голема благодарност до Жељко Обрадовиќ, тренерот на Фенербахче, како и до актуелниот европски шампион поради реализацијата на трансферот.

Враќањето на Антиќ во саканиот клуб ќе им донесе на црвено-белите голем квалитет, но и огромно искуство кое Антиќ го собра градејќи успешна кариера во Европа и САД. КК Црвена Звезда во оваа прилика се заблагодарува за разбирањето на господинот Жељко Обрадовиќ и Фенербахче“, објави Звезда, а на крајот напишаа:

„Перо, добредојде во својот втор дом – Црвена Звезда“.

Извор: Sportclub.mk