Истрагата на финансиската полиција во врска со играната серија „Македонија“ утврдила доволно докази и созреаната кривична пријава е доставена до Основното јавно обвинителство. Според нивните сознанија и следење на трагата на 1.100.000 евра, колку што државата ѝ дала на „Јадран филм“, односно продуцентот Винко Грубишиќ, за снимање на првата сезона со 14 епизоди, кои до денес не се доставени пред македонската Агенција за филм, се покажало дека повеќе од 65 отсто од парите се изнесени надвор од државата, со што е прекршен уште еден закон од филмската дејност, кој налага најмлаку овој процент од вкупниот буџет што му се дава на продуцентот да биде потрошен тука.

Имено, 277.592 илјади евра денари се уплатени на фирма во Македонија, речиси 15.000 евра завршиле на сметка на фирма во Америка, а остатокот се уплаќани на фирми на Винко Грубишиќ во Хрватска. Од неговите фирми, три се во стечајна постапка, а што се однесува до дејноста таа е повеќенаменска и не е единствено за филмска дејност. Не се исклучена можноста да се потврдат сознанијата на „Макфакс“ дека преку овие фирми се мотивирани медиумски куќи во полза на пропагандни текстови за поранешната македонска влада.

Директорот на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми, ни изјави дека Основното јавно обвинителство го презема случајот врз основа на кривичната пријава за која се обезбедени цврсти докази.

„ Во случајот со Јадран филм“, односно Винко Грубишиќ, се утврдени сериозни финансиски неправилности во трошењето на парите. Ја доставивме кривичната пријава до Обвинителството. Во интерес на истрагата за која имаме соработка и со хрватскитре колеги во моментот не можеме пред јавноста да изнесеме повеќе информации“.

И македонското и хрватското обвинителство, од каде што побаравме детали за овј случај, ниту ни потврдуваат ниту ги одречуваат информациите за овој случај.

На прашањата од редакцијата на „Макфакс“, доставени до портпаролката на хрватското обвинителство (ДОХР), Мартина Михордин, ни одговори: „Постапката се води тајно и во моментот не можеме да одговориме на прашањата поврзани за овој случај“.

Но, како што веќе информиравме, повикувајќи се на пишувањата на хрватскиот портал „Индекс“, Хрватската национална телевизија го раскинала договорот со „Јадран филм“ за серијата „Гричка вјештица“ поради ненаменско трошење и непочитување на обврските за договорот. Хрватските медиуми информираа дека за уште два филмски проекта овој продуцент е под истрага на хрватскто обвинителство.

И додека обвинителствата ги држат во тајност овие информации, „Макфакс“ дознава дека во интерес на истрагата исказ дала и поранешната директорка на Агенцијата за филм, Мими Ѓорѓоска-Илиевска, всушност потписник на договорот со продуцентската куќа „Јадран филм“.

Серијата „Македонија“ требаше да биде доставена до Агенцијата за филм до 4 септември, а за следните сезони беа предвидени уште 3 милиони евра. Договорот беше прекинат бидејќи не беа исполнети предвидените обврски кон Агенцијата, а истражувањата за натамошните одговорности и нерегуларности беа предадени на институциите на системот.

Ова е и првиот случај од кој Владата го сврте бројчаникот за враќање на долгот и од сметката на Винко Грубишиќ беа одземени 300.000 евра, колку што биле затекнати во моментот. За можноста да се вратат преостанатите пари, надлежните велат дека во Македонија тој нема регистрано никаков имот, но во Хрватска веројатно ќе се преземат мерки по расчистување на истрагата.

Во меѓувреме „Јадран филм“ на социјалните мрежу пласира трејлер за играната серија „Македонија“ и во неколку наврати испрати соопштенија во јавноста во кои негира дека што било од ова што го тврдат институциите е точно и дека серијта ќе биде завршена, а продуцентот ќе ја тужи Агенцијата за филм. Образложението одеше во насока дека ова е лична пресметка на актулениот директор на Агенцијата за филм, Горјан Тозија, кој рече дека е бесмислено топката да се префрла во какви било лични релации и единствено е важно каде е серијата и зошто таа не е доставена до Агенцијата до предвидениот датум.

Објавена беше и двеминутна сцена во која има дијалог за некаква мечка, па „Јадран филм“ вели дека ова било причина таа да биде цензурирана од Тозија.

До нас и до некои други медиуми стигна и изјавата на Огнен Георгиевски, кој реагира дека неговото име е ставено како сценарист на серијата „Македонија“.

„ На почетокот на 2016 ми се јави еден мој колега, кој ме охрабри да го приложам моето резиме како еден од потенцијалните сценаристи на ТВ-серија што треба да се снима во Македонија со хрватски продуценти. Во февруари и март таа година разменив неколку имејл-пораки со господинот Винко Грубишиќ, по што мојот конечен одговор беше дека поради други ангажмани, не можам да работам на серијата. Како моја замена предложив еден наш реномиран драматург на кого не знам дали воопшто ми се јавиле. Иако и на веб-страницата на Агенцијата за филм на Република Македонија стои дека сум дел од пишувачкиот тим на серијата, тоа, едноставно, не е вистина“.

До конечното расчистување на овој скандалозен договор и сите инволвирани актери, „Макфакс“ со линкови во целост ви пренесува дел од досегашните објави.