Претседателот на Владата, Зоран Заев вечерва присуствуваше и се обрати на свечената академија посветена на празникот Свети Сава. Пред присутните високи преставници од Република Србија, Босна и Херцеговина, како и од Република Српска, премиерот Заев истакна дека му претставува особена чест што е дел од академијата посветена на една од најсветлите и најсветите личности во историјата на српскиот народ, Свети Сава.
„Со еден збор, може да се каже дека Свети Сава е духовник и образец на кој се угледуваат припадниците на српскиот народ кога во својата духовна зрелост ја избираат матрицата за својот личен карактер, а со тоа и карактерот на народот на кој му припаѓаат. И не само на Српскиот народ. Неговата величина изникна од неговите корени и припадност на славната српска царска лоза Немањиќ. Но неговото дело, и особено неговата саможртва да се откаже од земските блага и права кои му припаѓаа по род, и да го прифати православното христијанство и Христос како негов личен живот, определба и делување, направија Свети Сава да им припаѓа на сите Христијани, без разлика на тоа во кои државни граници живеат. Затоа што тој така им приоѓаше на сите – како кон свои браќа, а не како странец кон странци.
Затоа кога зборуваме дека неговото дело инспирира, пред нас ја имаме нашата определба, определбата на граѓаните на Република Македонија, да градиме и негуваме општество еднакво за сите. Општество на различните граѓани, во кое ги афирмираме и воспоставуваме меѓусебна почит меѓу сите етнички заедници во нашата земја, со истовремено признавање на етничките, националните, верските и културните разлики – токму оваа цел е посебноста и суштината на нашето заедништво.Во тоа наше заедништво што се градеше со векови, со свој значаен придонес учествува и српската заедница во Република Македонија, која тоа го прави угледувајки се на големиот светител Свети Сава.
Големата љубов што како силна светлина се излевала од овој свет човек ја чувствуваа сите народи кои тој ги посетувал за време на неговите патешествија и мисии. Свети Сава оставил длабоки траги и почит за неговата љубов, дело и лик, и затоа ден-денеска во голем број православни цркви се слави неговото име и светост, и се изградени црковни храмови и манастири во негова чест”, рече Заев.