Еден млад полицаец загина, а уште 14 завршија во болница во Аргентина по тренингот, каде што, според нивните семејства, регрутите биле малтретирани на огромна жештина.

„Она што им го направиле на момчињата тој ден не е обука. Ги малтретирале, ги удирале, ужасни работи… Изгледа како приказна за воена диктатура“, изјавил Рок Гарај, брат на починатото момче.

Емануел Гарај, 19-годишен полицаец, починал во саботата, пет дена по хоспитализацијата поради екстремна дехидратација предизвикана во текот на обуката во северозападниот дел на Аргентина. Покрај него, со слични симптоми биле примени и 14 негови колеги.

„И други момчиња се борат за живот. Брат ми не е изолиран случај за некој што не издржал бидејќи не бил доволно физички подготвен“, изјавил Рок Гарај нарекувајќи ги инстукторите криминалци. Воедно, додал дека семејството поднело тужба против нив.

Претставник на регионалните власти во понеделникот изјави дека младите полицајци имале тежок тренинг на сонце и температура од 40 Целзиусови степени, при што им било забрането да пијат вода. Поведена е истрага против локални полициски функционери кои биле суспендирани. Четворица комесари и четворица полицајци се уапсени под обвинение за убиство и неизвршување на должностите.

Инаку, во Аргентина смртта на младиот војник Омар Караск во касарна во 1994 година предизвика револт во земјата, кој доведе до укинување на задолжителниот воен рок.