Како и во премиерниот меч на шампионатот, домашната селекција на Франција го доби натпреварот против Албанија во второто коло од Групата А со двата гола постигнати во последните минути и практично е првата репрезентација која обезбеди осминафинале.
Победата на Французите им ја обезбедија Антоан Гризман во 90 и Дмитри Паје во петтата минута од судиското продолжување.
Гризман со голот во последната минута ги спаси Французите, исто како што Паје го стори тоа во дуелот со Романија, а вториот во последните секунди само ја потврди победата на Франција.
Меѓутоа, домаќинот на европскиот шампионат против цврстата и дисциплинирана Албанија, покажа низа недостатоци, кои треба да го загрижат селекторот Дидие Дешам, во соочувањата со посилните и поискусни противници. Албанските фудбалери храбро одиграа, дури и напаѓаа, но трагично го примија првиот гол кој го реши победникот.
Дешам изненади со тоа што во почетниот состав не ги стави ѕвездите Пол Погба и Антоан Гризман, наместо кои мечот го започнаа Кинглси Коман и Антони Мартиал.
Француската игра во првото полувреме наликуваше на мачење при што не беше создадена ниедна шанса. Албанците, пак, кои играа цврста одбрана, дури и беа поопасни во нападот. Дешам ја призна грешката и веднаш на полувремето во игра го стави Погба на местото од лошиот Мартиал.
Но Албанија во 52 минута можеше да ја шокира фаворизираната Франција, кога на уфрлената топка стартуваа Евра и Мемушај, а топката се одби од двајцата и заврши во левата статива на францускиот гол. Во 69 минута, конечно, Французите упатија шут во рамките на голот, а ударот на Жиру со глава заврши во дирекот. Со влегувањето на Гризман францускиот тим доби во агресивноста, но безбројните нафрлувања од крилните позиции пред албанскиот гол, сепак, не дадоа резултат.
Дири во 90 минута албанската одбрана беше пробиена, кога од десната страна нафрли Рами, а Гризман со глава ја проследи топката во самиот агол од голот на Бериша. Во последната петта минута од судиското продолжување Паје со удар од десетина метри ја потврди тешко остварената победа.
Претходно во истата група Романија и Швајцарија одиграа 1-1. Во последните коло играат Франција против Швајцарија, и Романија против Албанија.