По седум одиграни кола во кошаркарската Евролига повеќе нема непоразени екипи, откако Дарушафака успеа да слави против европскиот првак ЦСКА Москва. Седмата рунда со победи ја комплетираа Олимпијакос, Жалгирис и Реал Мадрид.
Дарушафака која сезонава сериозно вложи во играчкиот кадар и го донесе за тренер Дејвид Блат е првата екипа која му нанесе пораз на европскиот првак ЦСКА во Евролигата. Турскиот тим водеше од првата до последната минута,а триумфот го најави по првата четвртина (30:18).
Дарушафака вопоследниот период влезе со позитива од 16 кошеви. Сепак на две минути ЦСКА дојде до само поен негатива, но Дарушафака успеа да го одбие тој напад и да слави 91:83.
Андерсон со 20 и Вонамејкер со 18 поени ја предводеа Дарушафака до петтиот триумф, додека ЦСКА ја предводеше Теодосиќ со 15 поени и 10 асистенции.
Реал во драматичен меч слаеше против Панатинаикос 87:84. „Кралскиот клуб“ до победата го однесе Серхио Љуљ кој постигна 30 поени, вклучувајќи ги и последните пет за својот тим.
Олимпијакос во „тврд“ и неефикасен меч славеше над Барселона 59:52. На овој меч Василис Спанулис влезе во историјата на Евролигата како првиот играч со остварени најмалку 1.000 асистенции и 3.000 индексни поени. Спанулис го предводеше Олимпијакос до победата со 15 поени и шест асистенции.
Инаку Евролигата продолжува во наредните два дена со мечевите од осмото коло. Во четврток на програмата се дуелите: Црвена ѕвезда-Армани Милано, Фенербахче-Анадолу Ефес, Уникс-Макаби и Басконија-Бамберг.