Министерката за правда, Рената Дескоска, даде образложение за новиот Закон за спречување на корупција и судир на интереси, според кој се предвидува формирање на нова антикорупциска комисија. Дескоска како клучна придобивка ја потенцираше контролата на финансирањето на политичките партии, која е пред сè превентивна, а ќе се врши врз основа на годишен план, но и по поднесенa пријавa од други државни органи, политички партии или граѓански организации, и по службена должност.
„Граѓаните имаат право, врз основа на општ член којшто е содржан во законот, да пратат иницијатива до државната комисија за спречување на корупцијата, и доколку таа иницијатива е основана, Државната комисија за спречување на корупцијата по службена должност покренува постапка за контрола на финансирање на политичките партии“, потенцираше министерката за правда Рената Дескоска.
Во делот на финансирањето на изборните кампањи, внесени се можности секој организатор на изборна кампања, но и набљудувач, да даде приговор на финансирањето на изборните кампања, но уште поважно, внесени се рокови во кои ДКСК мора да постапи.
„Не смее да ни се повтори праксата претставките да завршуваат во фиоките во ДКСК и да се чека да завршат изборите па некогаш да се сработат“, истакна министерката.
Новина е и обврската ДКСК да врши проценка на ризик од корупција, да детектира области за ризици и да прави годишен план за превентивна проверка на анкетни листови на функционери, на финансирање на политички партии, на јавни набавки и слично, со што ДКСК превентивно прави проверки дури и кога нема сомневања.
ДКСК ќе има право на директен увид во сметките на носителите на јавни функции, односно за нив нема да важи принципот на банкарска тајна. Дополнително на тоа, ДКСК ќе има и директен пристап во најмалку 64 бази на податоци, при што ќе можат да прават и вкрстени проверки на имотната состојба. Внесена е и надлежност ДКСК да испитува и евентуални сомневања за корупција при јавните набавки.
Во текот на вчерашниот ден, Собранието го изгласа новиот Закон, по што се очекува да почне постапката за избор на претседател и членови на Државната комисија за спречување на корупцијата.