Понижувачки пораз доживеа Барселона од Реал во кошаркарското Ел Класико, одиграно во осмото евролигашко коло. Реал во Барселона победи со 102:63. Гостинска победа, но минимална, забележа Олимпијакос во дербито на Атина против Панатинаикос
Реал од почетокот го наметна својот стил на игра го отвори натпреварот со 7:0 и 9:1, а потоа само ја зголемуваше предноста. Во 39.минута на семафорот стоеше 101:54. Во последната минута Барса постигна девет поени за конечни 102:63 за Реал.
Љуљ со 20, Керол со 19 и Рендолф со 18 поени го предводеа реал до шестата победа во Евролигата, додека Барселона има скор 4/4.
Многу понеизвесно беше во дербито на Атина, каде никој од тимовите немаше предност поголема од десет поени.
Олимпијакос на теренот на ПАО славеше 79:77, а мечот го реши Принтезис кој на три секунди до крајот погоди под фаул.
Спанулис со 22 поени и Принтезис со 16 го предводеа Олимпијакос кој сега има скор 5/3, додека ПАО е на 4/4.
Во второто градско дерби, истанбулското Галатасарај направи мало изненадување со победата над Дарушафака 85:81. Плајс со 22, Прелџиќ со 17 и Мицов со 16 кошеви му ја донесоа втората победа сезонава на Галатасарај, а Дарушафака го запиша третиот пораз.
Лидерот ЦСКА предводен од Теодосиќ (25 поени) го победи Жалгирис 95:86. Српскиот бек стана осмиот најдобар стрелец во историјата на Евролигата. ЦСКа има скор 7/1, а Жалгирис 2/6.