Според проценка на експертите, половина од децата и 5% од возрасните луѓе зборуваат во сон. Ова пореметување е често кај мажите, но се` уште не е јасно зошто е тоа така.
Експертите кои се занимаваат со проблемите кои луѓето ги имаат за време на спиењето одговорија на најчестите прашања и ги откриваат специфичностите на оваа појава.
Што е зборувањето во сон?
Зборувањето во сон е пореметување во спиењето кое може да се јави за време на секоја фаза од сонот. Според Националната фондација за спиење „за време на зборувањето во сон може да се случи луѓето да водат комплицирани дијалози и монолози, но и да зборуваат неповрзани работи или само да мрморат“. Оние кои зборуваат во сон се несвесни за своето однесување ако некој не им каже дека го прават тоа.
Што го предизвикува?
Зборувањето во сон може да биде симптом на мног посериозно пореметување, како што е ноќна апнеја, кошмари и пореметувања врзани со REM фазата од сонот. Зборувањето во сон може да се случи и кога личноста има треска, кога е ненаспиена, депресивна, под стрес или кога пие алкохол пред спиење.
Каков ризик со себе носи зборувањето во сон?
Ако поради зборувањето во сон лошо спиете или ако тоа негативно делува на вашето секојдневно функционирање, треба да се посоветувате со експерт.
Поради зборувањето во сон може да бидете и хронично ненаспани, со што го зголемувате ризикот од кардиоваскуларни болести, дијабетес и дебелина. Ако личноста ретко зборува во сон, не треба да се грижите, но ако тоа се случува секојдневно, треба да зборувате со експерт.
Треба ли да ја разбудите личноста која зборува во сон?
Зависи од ситуацијата.
„Ако оној кој зборува во сон го разбудите, а инаку е хронично ненаспиен, тој може да престане да зборува на кратко, но штом повторно ќе заспие ќе продолжи да зборува. А ако е пореметување кое е во врска со REM фазата на сонот, будењето може да биде од помош, но и не мора да значи и затоа е важно во тој случај да се обратите кај експерт“, вели професорката Илен Розен од Универзитетот во Пенсилванија, која се занимава со проблеми кои ги имаат луѓето со сонот.
Колку може да трае зборувањето во сон?
Кај повеќето луѓе, таа состојба е минлива. Децата кои зборувале во сон, престанале да го прават тоа кога ќе пораснат, но може да се случи повторно да зборуваат ако дојде до некое пореметување во сонот или ако драстично им се промени времето на спиење. Ако некој кој во детството не зборувал во сон, а сега тоа го прави секоја вечер, треба да се обрати кај експерт.