Велика Британија е најдебела нација во Западна Европа, со стапки на растење побрзи од која било друга развиена нација, објави БиБиСи.
Стапката на дебелина двојно се зголеми во текот на изминатите две децении, а 63% од возрасните во Велика Британија имаат прекумерна тежина, според Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).
Високата стапка на пијанство кај адолесцентите во Обединетото Кралство е една од клучните точки на загриженост. Сепак, извештајот на ОЕЦД за здравство нагласува дека вкупната здравствена состојба и очекуваниот животен век на Британците останува просечен – потпомогнати од намалувањето на пушењето и на пијанството кај возрасните лица.
Стапките на дебелина во Британија пораснале на 27% кај луѓето со индекс на телесна маса (БМИ) над 30 години. Просекот на ОЕЦД е 19%.
ОЕЦД ја наведува Велика Британија како една од петте земји кои страдаат од “историски високи” стапки на дебелина од 1990-тите – зголемување за 92%, во споредба со 65% во САД.
“Дебелината значи поголем ризик од хронични болести, особено хипертензија, холестерол, дијабетес, кардиоваскуларни болести”, се вели во извештајот.
ОЕЦД ги поздрави кампањите за борба против дебелината, како што е одлуката на болниците во Англија да ги забранат “супер-големите” чоколадни шипки од болничките продавници и претстојниот владин данок на шеќер, но нагласи дека “би можело да се направи многу повеќе”.
Голем број земји на ОЕЦД, како што се Австралија и Канада, успеаја да ги намалат и стабилизираат нивоата на дебелина во последниве години, а Јапонија останува најниска со 4%.