Обемните записници од текот на преговорите околу Преспанскиот договор ги објави грчкиот весник „Катимерини“. Во нив има официјални цитати од премиерот Зoран Заев, министерот за надворешни работи Никола Димитров, претседателот Ѓорѓе Иванов, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николовски и вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи, пренесува Дојче Веле.
Станува збор за лидерски средби помеѓу власта и опозицијата во Македонија лани во јануари по средбата на Заев и грчкиот премиер Алексис Випрас во Давос каде што се роди идејата за Преспанскиот договор како и во мај кога се разговараше за можноста името да биде „Илинденска Македонија“.
Димитров вели дека треба да се побрза со преговорите бидејќи Сириза на Ципрас нема да биде повеќе на власт од следните избори.
„Како ќе биде во Грција по изборите? ‘Нова Демократија’ ќе биде на власт со Киријакос Мицотакис. Треба да побрзаме. Лесно е да не блокираат кога им даваме аргументи. Нашиот главен аргумент е стабилизирањето на Балканот“, вели Димитров во еден од записниците.
Истиот став го делел и Заев, како и тоа дека треба да се организира референдум.
„Потребно ни е решение, но не по секоја цена. Владата и опозицијата се согласуваат дека е потребен референдум за секое решение. Треба сите заедно, претседателот Иванов и партиите, да се обединиме во ставот за ефикасно и мудро решение. Прашањето датира од 1995 година. Средбите со Ципрас и Коѕијас треба да го олеснат процесот“, рекол Заев на лидерските средби.
Претседателот Иванов прашал дали постои гаранција за пристапување во НАТО ако се постигне Договор со Грција. Во записот постои и момент кога Заев вели дека добил гаранции дека за време на процесот на пристапување во НАТО Грција нема да утврдува дополнителни услови. Османи бил против одржување на референдумот бидејќи би можеп да биде злоупотребен.
„Ние мора да бидеме сигурни дека Грција ни гарантира“, рекол Иванов.
Додека се зборувало за референдумот на лидерската средба Николовски споменувал гласање во Собранието по одржувањето на референдумот.
„Ако референдумот не успее, како ќе гласаме?“, прашал потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.